Кога одлучив, пред нешто повеќе од двеипол години со моите соработници да го оснивам порталот „СВЕТ –АВСТРАЛИЈА“ веднаш имав на ум дека истиот мора да има посебна страница посветена на македонската естрада. Од искуство знам дека македонците се најверна публика на сите концерти, без обзир за која естрадна звезда да станува збор и независно од која поранешна екс република доаѓа. Ниту изборот на уредник за таа македонска страница не ми беше тешка задача-изборот падна на мојата познаница и личност во која имав неограничена доверба, затоа што ја следев нејзината новинарска работа и од истата бев одушевен. Така што најдобро и единствено можно решение беше Билјана Биба Крнческа. Договорот лесно го постигнавме. Биба од самиот почеток воодушевено ја прифати авантурата со нашиот порал  и стана незаменлив негов интегрален член. Следеа безброј интервјуа, репортажи, вести кои ги подготви Биба. Оштра на јазик, уште пооштра на перо, ги оправда сите очекувања.
Во богатата кариера поминала низ трње и камења и интересно секогаш излегувала како морален победник. Без влакна на јазикот и со цврсти професионални и човечки убедувања совршено се вклопи во замислената концепција на порталот кој со нејзината работа стана уште подобар.
Одлучив конечно и неа да им ја претставам на нашите читатели ширум светот. Бидејќи Биба најпрвин ја видов преку една ТВ емисија логично е од таа точка и да почне разговорот со неа.

Како се викаше емисијата што ја водевте на ТВ „Скај нет“ Скопје?

– Како прво, би сакала да ви се заблагодарам за ова убаво изненадување, затоа што со овој гест ме натеравте да се сетам на многу убави моменти што ги проживеав во медиумите (слободно можам да се пофалам) многу професионално и горa сум на тоа. На ТВ „Скај нет“ во Скопје стигнав по добра 15-годишна медиумска работа во мојот роден град Прилеп и во Битола, каде поминав неколку години во телевизија „Орбис“, која ја гледаа нашите иселеници преку сателит и каде уживав голема популарност. Кога видов како публиката реагира на мене надвор од мојот град, се охрабрив и решив да одам во Скопје.  Таму, најпрво работев како водител на вести на каналот „ТВ Сонце“, а потоа, случајно, аплицирав на конкурс објавен од ТВ „Скај Нет“ и успеав да се вработам како водител на дневна забавна програма.  Во „Скај нет ТВ“ подготвував и водев четири емисии, од кои две беа мои авторски, а нивната реализација подразбираше мој апсолутен ангажман почнувајќи од идејата, концепцијата  па се до организацијата и реализацијата, и две што ги работев заедно со другите колеги во тандем. Моите две авторски емисии кои беа од забавно музички карактер се викаа „Седенка“ и „До пладне“ и имаа навистина голема гледаност затоа што во принцип секогаш имавме атрактивни гости кои публиката сакаше да ги гледа…


Колку долго ги водевте?

– Па, тоа траеше околу 3 години, а потоа телевизијата се задолжи, банкротираше и се префрлив на друга скопска телевизија која се викаше „АБ Канал“.


Од каков карактер беа емисиите?

– Веќе спомнав дека моја специјалност е естрадата и онаа  тековна интерактивна дневна програма, која тогаш се нарекуваше рекреативна програма, каде редовно презентиравме разни гости од јавниот-културен  и спортски живот, така што претежно водев музички емиси, ток-шоу програми, утрински емисии, ноќни програми  кои во тоа време беа многу атрактивни…

Со Анета Мицевска (Молика)
Кои познати личности ви беа гости, а која личност ви остави посебен впечаток?

– Во тоа време речиси ја угостивме целата наша естрада,а имав можност да разговарам и да снимам интервјуа и со балкански звезди, и навистина слободно можам да кажам дека има многу добри и благородни луѓе меѓу популарните артисти. Сепак, најголема звезда што ја интервјуирав, беше Филип Киркоров, кој важеше за руски Мајкл Џексон и бев пријатно изненаден кога видов дека толку голема звезда се обидува да го разбере нашиот јазик без преведувачи и да одговара на нашите прашања. Се сеќавам дека тој беше многу висок и многу убав човек кој имаше убава насмевка.

Со Игор Џамбазов
Дали имате некои анегдоти од тие разговори?

– Имаше многу анегдоти, често спонтано се присеќам кога ќе видам некоја популарна личност, но во тоа време многу се водеше грижа за етиката во нашата новинарска професија и затоа се што можеше некого да компромитира семејно, или интимно приватно, не злоупотребувавме. Често велам, дека тоа време беше наивно време, бидејќи луѓето имаа разбирање и хуманост. И тогаш имаше брачни расправии, понекогаш и додека се снимаа емисиите, и тогаш имаше прељуби и љубовни афери и скандали, но сепак се беше спакувано многу посуптилно. Никогаш нема да заборавам кога (починатиот) Гоце Арнаудов се налути затоа што ме виде како аплаудирам на неговиот тогашен ривал Војо Стојановски, кој беше награден со прва награда на Валандовскиот фестивал, а Гоце ја доби втората награда.Тој беше толку лут што не излезе да ја прими наградата, туку ја следеше програмата преку репортажните коли и кога снимателот ме покажал во првиот ред во публика како му аплаудирам на лауреатот, полудил, па ме чекаше пред вратата зад сцената. Кога излегов почна гласно да вика дека го разочарав и дека тоа не го очекувал од мене, а јас бев целата во шок, незнаејќи за што станува збор?!? Се прашував што направив за тој така да вика и да мавта со рацете, освен што аплаудирав на победниците, но Гоце имаше многу силен темперамент и штом ќе го погодеше некоја неправда, не се двоумеше да ја покаже својата жестока реакција. Чекав да му помине првиот налет на бес, па потоа седнавме на кафе и му објаснив дека не смее да се однесува како навредено дете и дека мора малку да го контролира својот темперамент.  Кога ќе се сетам на тоа, се смеам затоа што јас дури и добро поминав, а еден друг наш колега имаше уште полошо искуство добивајќи изненадно бокс заради модни критики на рачун на Арнаудов, така што сфативме дека Гоце има краток фитил,но од друга страна тој беше голем галантон и добар пријател со луѓето на кои им веруваше. До неговата смрт, ние бевме навистина добри соработници и секогаш се почитувавме, тој беше звезда од голем калибар, нека му е вечна славата…
 
Како и зошто ја прекина соработката со ТВ „Скај Нет“?

– Класична медиумска приказна. Додека имаше силни спонзори, телевизијата работеше многу професионално според сите стандарди, а кога спонзорите исчезнаа, започна да доцни со исплата на платите и да ги спушта стандардите на ниво на аматеризам. Разделбата беше неизбежна затоа што ми должеа многу плати, па морав да ги дадам на суд, а спасот да го побарам во друга ТВ-станица, бидејќи мораше да се обезбеди егзистенција…


Со Миле Кузмановски и Сузана Спасовска
Каков беше твојот ТВ-ангажман после тоа?

– После тоа добив ангажман во „АБ Канал“. Тоа беше ТВ куќа која имаше најсовремена технологија во тоа време и многу убави услови за работа, ама (за жал секогаш има некое ама) луѓето што ја водеа таа телевизија ниту ги познаваа, ниту ги применуваа новинарските кодекси, а со самото тоа и телевизијата неможеше да изгради своја препознатливост и да стане бренд. Тие имаа само пари и желба да бидат преку телевизијата дел од политичкиот естаблишмент кој уште тогаш почнуваше да ги контролира животите на луѓето преку медиумите сервирајќи полувистини што се во служба на одредени моќници.

Со Калиопи

Колку време таму се задржа?

– Таму останав најкраток период, неполна година. Ја уредував и водев утринската програма наречена „Наше, ваше утро“ и се сеќавам дека тој формат беше многу напорен за работа, затоа што немав колегијална замена, бев апсолутно сама, а требаше неколку часовна програма секојдневно тековно да се осмислува и води, а од друга страна платата беше многу пониска отколку во „Скај нет“. Она што најмногу ми пречеше беше непочитувањето што го демонстрираа сопствениците на таа телевизија спрема новинарите и луѓето кои работеа за нив и нивните неосновани казни со кои сакаа да ги дисциплинираат новинарите. Не можеа да сфатат, дека новинарите никогаш не може да се дисциплинираат или контролираат на таков начин.  Акумулираниот гнев ме испровоцира, па еден ден, седнав на компјутер и напишав статус на ФБ во кој со неколку зборови го пренесов мојот презир кон луѓето што преферираат моќ и контрола. Се разбира дека лесно се препознаа себе си во мојот статус, и тоа го сватија како лична прозивка, па ќерката на сопственикот веднаш ме повика на рапорт, велејќи ми дека нејзиниот татко ме чека на Европскиот Факултет (кој исто така беше во нивна сопственост) на разговор.  Знаев дека ме очекува многу непријатен разговор и бидејќи бев уморна од сè, на нејзино изненадување категорично одбив и истиот момент дадов отказ, повикав такси, дојдов во мојот стан и во такво расположение одлучив дека е време да се вратам дома, во мојот Прилеп…


Со Ленче Кукиќ 
и Благица Калева
Што направи после? Важиш за личност која не толерира неправда и имаш храброст тоа што го мислиш да го кажеш во лице!  Кои неправди конкретно те следеа и дали би го сторила истото кога би се вратило времето?

– Бидејќи ме познаваш многу добро, ќе ти  признам дека мојата карактерна особина многу пати ме чинела во животот, но сепак повторно, никогаш не би ја менувала  затоа што тоа сум всушност јас. Тој мој правдољубив, бунтовен инстинкт е дел од мојата духовност и тоа најмногу го сакам кај себеси. Јас сум авантурист во однос на деловните предизвици, затоа решив да ги сменам медиумите за „нешто подобро и побезбедно”, а тоа беше администрацијата. Станав дел од ПР тимот на нашиот тогашен прилепски градоначалник Марјан Ристески, каде останав без решен статус за 3 години макотрпна работа. Таа работа беше силно интензивна. Работното време траеше 24/7 и беше многу стресно и напорно да се издржи зошто ја трошеше целата енергија. Единстен бенефит беа парите. Тогаш сфатив дека нема среќа што може да се плати со пари и дека медиумите беа златна средина наспроти партискиот административен ангажман, каде што сте изложени на разни видови манипулации и политички терор, што може да се запре само ако кажете доста е и си заминете засекогаш од тоа миље.. Таа работа ме чинеше здравје, затоа што тогаш добив хипотироизам, така што дополнително се чувствував истоштено, но сепак ја извршував својата работа доследно, одговорно и професионално. Кога решија преку ноќ да не отпуштат сите кои немавме решен статус со образложение дека за некоолку месеци пак ќе не вратат на работа, сфатив дека имам работа со луѓе што душата ја продале на ѓаволот само за да имаат моќ. Гледајќи ја нивната безкруполозност, во мој стил, директно и без лажна сервилност му се обратив на мојот надреден, на градоначалникот и јавно ја прозвав неговата неморална политика и играње со човечките судбини. Го кажав гласно тоа што сите го мислеа и му порачав дека ќе дојде ден кога неговото семејство ке плати за неговите неморални одлуки… Се разбира, знаев дека ме очекуваат санкции и бев подготвена на последиците што ги претрпевме јас и моето семејство. Но, после се, драго ми е што не се откажав од себеси и од правдољубивиот светоглед. На крајот на краиштата, јас сум горда на мојата храброст и лудост истовремено и на сето ова гледам како на едно многу важно животно искуство.
Со Благоја Грујовски
Пред две и пол години ја прифативте и улогата на уредник на порталот „Свет Австралија“ за Македонија. Кое беше твоето мото да се впуштиш во ваква „авантура“?

– На моја огромна радост, во вистинскиот момент ја добив најубавата понуда со која можев да се вратам на естрадната сцена на директен начин преку новиот интернационален портал „Свет Австралија“ и бев почестена. Штом дознав дека позади тоа стои Берак, воопшто не се сомневав, веднаш знаев дека тоа е вистинската работа што и мене ќе ме регенерира и врати на старите патеки. Возбудата што ја чувствував тогаш, кога дознав дека македонската естрада ќе има посебна страна на порталот, сè уште ме држи. Ми се допадна графичкиот дизајн на порталот, неговата естетика и неговиот концепт, како и стилот на работа во кој нема напнатост и притисок.  Всушност, понудата да работам на порталот беше најдобрата вест што ја добив после 5 години голгота и затоа сум особено благодарна на семејството Берак за укажаната доверба и чест ми е што сум дел од креативниот тим на овој портал.


Со Адријана Алачки
Можеш ли да ги наведеш разликите во работата на ТВ и на порталот?

– Разлика најпрво има во временскиот јаз, кој ги подразбира сите оние системски, технички и технолошки промени, така што телевизиите денес не се она што беа порано,бидејќи го добија силниот конкурент –  Интернетот. Работата во ТВ може да биде многу динамична, но во исто време и хаотична. Таму времето ве гази и тоа е вечна трка и фрка со времето и луѓето, а работата на порталот е господствена, затоа што имате време да пиете кафе додека правите интервју, да изберете ликови и теми за кои сакате да пишувате, имате своја неограничена креативност и секако многу повеќе простор да кажете или да пренесете нешто.Всушност, тоа е практика на нашиот портал „Свет Австралија“ каде сè е многу опуштено и каде се инсистира на пренесената вистина.


Со омилената Блага Петреска
Направи безброј интервјуа, репортажи, написи, коментари за порталот… Запозна многу истакнати личности. Можеш ли да ни кажеш кој ти остави посебен впечаток?

– Најсреќна сум кога работам со професионалци и луѓе кои не го билдаат своето его дури и кога се екстремно успешни или популарни. Имам многу убави искуства кога станува збор за интервјуа и соработка со естрадните лица и навистина е неблагодарно да издвојам некого, но ако треба да се одлучам, тоа ќе биде Данијела Мартиновиќ бидејќи ми остави многу силен впечаток како алтруист и хуманист, пред сè како жена, која умее да ви го допре срцето со својата непосредност и однесување како со познатите така и со непознатите луѓе.Нејзината животна филозофија знае да инспирира, а нејзините песни предизвикуваат радост, затоа особено ја сакам…


Со Гоце Чоки Бошковски
Пандемијата и Корона кризата го погоди целиот свет, а со тоа и Македонија.  Ми се чини дека естрадњаците се најголемите страдалници во целата оваа ситуација. Како локалните уметници се носат со ваквата ситуација и како сврзуваат крај со крај?

 – Мислам дека македонската естрада и воопшто македонските музичари се најпогодени кога станува збор за Корона-здравствената криза.Тие практично не работат цела една година и мораат да живеат од своите заштеди (доколку ги имаат), а сите знаеме колку брзо се трошат заштедените пари доколку не доаѓаат редовни приходи. Многу музичари во доверба ми велат дека едвај преживуваат, дека имаат заеми,кредити, дека имаат проблеми со извршители, дека не знаат како да врзат крај со крај… Единственото нешто што им го одржува духот е надежта дека сето ова набрзо ќе помине. За жал, државата е таква каква што е, не е силна да преземе одговорност во ова време на криза, а луѓето се оставени самите на себе. Лесно е само за оние кои имаат некои други извори на приход, па можат да преживеат и без пеење и настапување. Знам дека им е многу тешко и редовно ги афирмирам нивните проблеми преку нашиот портал за полесно да се најде решение!

Што мислиш каква ќе биде иднината на македонската музика после корона кризата?

– Единствено што е позитивно во оваа криза е тоа што естрадните музичари и се вратија на музиката и имаа време да расчистат самите со себе, кои се нивните професионални приоритети. Оние вистинските музичари своето слободно време го посветија на компонирање и пишување песни, вежбаа, ја забавуваа публиката преку интернет и можеше транспарентно да се забележи нивната креативност и ентузијазам, кој ги одржуваше во периодот додека беа и без приходи.Мислам дека по Корона-кризата естрадните уметници многу повеќе ќе си ја ценат својата професија и дека ќе сторат се за да го решат нивниот статус, кој сеуште не е решен. А кога станува збор за музика, очекувам поквалитетна музика или барем повесела, бидејќи луѓето со душа ги очекуваат убавите моменти како што се свадбите, крштевките, прославите…


Ако ги споредиме „златните“ 70-ти и 80-ти и денешната музика; за која музика ти би се определила, и каде ја гледаш разликата?
 – Секако дека секогаш би се одлучила за златните 80-ти.  Најубаво време, најубава мода, најубава музика. Колку и да сме во техничка експанзија денес, музиката од 80-тите имаше душа, затоа и денес хитовите од тој период интензивно се преснимуваат и од нив прават разни кавери и ремикси. Разликата е во поимањето на животот. Тогаш животот имаше вредносни системи, а луѓето пееја за вистинските љубови, за разлика од  денес кога животот е еден вид на преживување и опстанок, па најчесто се пее за пороци, за отуѓување помеѓу луѓето, за тривијални љубови… Некогаш песните беа евергрини, а денес тие се инстант за кратка употреба. Се разбира, постојат исклучоци, но генерално, вистинскиот квалитет е многу редок.

Со Иван Јосимовски, уредник на “музика24.мк”
Со кои македонски медиуми и колеги соработуваш?

– Генерално, во Македонија има многу мал број на естрадни новинари, бидејќи тој сегмент од новинарството не е доволно ценет, а со тоа и не е соодветно платен. Се обидувам да имам коректен однос со сите колеги што е можно повеќе во овие времиња. Сепак најголема колегијална соработка имам со порталот Музика 24.МК кој е единствен музички портал во Македонија и кој ја третира комплетната музичка и културна сцена. Иван Јосимовски е уредник на овој портал и за него имам само пофални зборови. Тој едноставно е секогаш во служба на професијата и радо ми помага и мене и на сите наши колеги. Кај него никогаш не сум забележала завист или некаква манипулативност, ниту колегијална тенденциозност која често може да се сретне во нашиот свет. Човекот сака да биде од услуга и тоа треба да се цени и почитува, па затоа кога сум во можност се трудам и јас професонално да се реванширам затоа што доброто со добро се враќа…

Да ли се дружиш со естрадата и какви се твоите искуства со естрадњаците?

– Во принцип да, се дружам со македонската естрада која генерално е пријателски настроена спрема новинарите и нема некој арогантен однос, зошто и сами знаат дека едни без други не можеме.Но, морам да признам дека сите го немаат истото ниво на професионализам. Инаку се дружиме секогаш убаво кога сме на некои промоции, фестивали или културни настани.Муабетиме, се смееме, па дури и пееме, затоа што забавувачите по природа се весели луѓе. За сега предост има постарата гарда, ама верувам дека наскоро ќе ни се придружат и овие помади генерации и дека и со нив убаво ке се дружиме. Моето искуство со естрадњаците е многу позитивно. На почетокот на разговорот реков дека не би ги менувала ниту за администрација ниту за бизнис елита затоа што естрадата е закон!
Дали имате порака до читателите?

– Ослушнете ја својата душа и вратете им се на вистинските вредности кои го негуваат духот, а со тоа и телото. Бидете луѓе кои ги сакаат луѓето и се радуваат на секој нов ден што Бог го дарува.  Фокусирајте се на убавите работи и тие ќе ви се случуваат. Никогаш не ја бирајте лагата наместо вистината зошто тоа е со краток здив и секако редовно читајте го Шоубиз магазинот „Свет-Австралија“ затоа што пишува за убави работи и за талентирани луѓе од Вардар до Триглав, од Австралија до Канада и Америка. Портал за целиот свет,портал за мераклии и весели души…
Раде БЕРАК

1 KOMENTAR

POSTAVI ODGOVOR

Please enter your comment!
Please enter your name here
Pre slanja komentara molimo Vas da pročitate sledeća pravila