Професор д-р Јован Кекеновски е по се што е блиставa личност. Како по својот музички сензибилитет, така и на професионален и приватен план. Човек кој во животот, речиси сé постигнал. Но, темпераментот и неодоливиот шарм и харизма, испреплетени со суров професионализам, едноставно не му даваат мир. Колку и да се докажал како врвен политичар, универзитетски професор по политички науки, Јове, како што го нарекуваме со нежност, не ја занемарил ниту една од своите најголеми љубови – хармониката и музиката воопшто.

Исклучително популарен и сакан ширум балканскиот регион, Јове за викендов кој е пред нас, поточно во недела, на 18 октомври, ќе настапи во прочуената Коларчевa задужбина во Белград, каде ќе го промовира студискиот албум „Балкански жубор“ кој го издаде ПГП РТС.

Покрај господин Кекеновски кој ќе биде солист на хармоника, со него ќе биде и група избрани македонски врвни уметници: Благоја Грујовски, Ленче и Горан Кукиќ, како и групата „Фонтана“ од Битола. Со музика што ги поврзува луѓето, концертната промоција во големата сала на спомен-задолжбината на Коларчеви, почнува во 20 часот. Со забелешка дека овој спектакл не смее да се пропушти, на крајот, ви ја донесуваме изјавата на самиот професор Кекеновски, кој за нашиот портал рече следново:

– Мојот солистички концерт, кој ќе се одржи на 18 ноември 2026 година, во 20 часот, во Големата сала на Коларчевата задужбина во Белград, за мене претставува еден од најзначајните и најемотивните моменти во мојата досегашна музичка кариера.

Овој концерт има посебно значење бидејќи доаѓа по 27 години пауза во активното свирење хармоника и дури 33 години отсуство од јавната сцена како хармоникаш. Меѓутоа, моето враќање не се случи преку ноќ. Од 2020 година, кога повторно започнав сериозно да вежбам, па сè до денес, зад мене стојат години упорна работа, секојдневно усовршување и огромна љубов кон инструментот што ја одбележа мојата младост и еден мошне значаен дел од мојот живот.

Во младоста учествував на бројни натпревари на хармоникаши низ поранешна Југославија, а посебно место во моите сеќавања зазема Сокобања, каде што на натпреварот „Прва хармоника на Југославија“ освоив три втори и три трети места во сениорска конкуренција. По толку години, моето враќање на хармониката доби и меѓународна потврда со освоените први награди на натпреварите Trophée Mondial 2025 и International Open Trophy (CMA), во категоријата 60+.

Особено ми значи што во Коларац ќе биде промовиран мојот студиски албум „Балкански жубор“, во издание на ПГП РТС, дискографска куќа со исклучителна традиција и углед. Ова за мене претставува големо признание, но и одговорност кон публиката на која сакам да ѝ претставам музика со сопствен идентитет, автентичност и уметничка вредност.

На концертот ќе изведеме речиси сите композиции од албумот, а програмата е осмислена така што ќе ги претстави различните изразни можности на хармониката и богатството на балканското музичко наследство.

Композицијата Kekenius Macedonius носи посвечен, речиси церемонијален музички израз, со нагласена симболика и постепено градење на атмосферата. Виртуозна 11/8 претставува своевиден предизвик во совладувањето на сложените балкански ритмови, при што техничката сложеност се испреплетува со темпераментот и изведувачката енергија.

Насловната композиција Балкански жубор има изразен лирски карактер, со мелодиски тек што носи топлина и посебна емотивност. Бутелски чочек претставува силна врска со традицијата, но и нејзино авторско обликување преку посовремен инструментален израз.

Посебно место заземаат Варијациите на македонската народна песна „Се посврши Сербез Донка“, во кои препознатливата народна мелодија се развива низ различни музички карактери и технички сложени варијации. Симфониско оро и Хроматско оро носат поширок и повеќеслоен звук, изразена музичка градација и висок степен на виртуозност, со испреплетени музички фрази, сложени хармонски структури и динамични тонални премини, додека Мартиново оро има поинтимна, потопла и полична емотивна димензија.

Во програмата ќе биде застапена и мојата интерпретација на познатиот Унгарски танц бр. 5 од Јоханес Брамс, со која настојувам богатството на класичната музичка литература да го изразам преку специфичните можности на хармониката.

Screenshot

Посебно сакам да истакнам дека на овој концерт ќе му оддадам почит на мојот драг пријател и некогашен колега, големиот мајстор на хармониката Милан Зафков, кој неодамна нè напушти. Во негова чест ќе изведам една од неговите композиции, како израз на мојата искрена почит кон неговото исклучително музичко мајсторство, творештво и неизбришливата трага што ја остави во светот на хармониката. Тоа ќе биде мое лично и емотивно музичко посветување на човекот и уметникот кого долго ќе го паметиме.

Значаен придонес во целокупниот звук на албумот дадоа и аранжерите Дамир Имери и Љупчо Соколовски, кои со своите аранжмани дополнително ги збогатија композициите, почитувајќи го нивниот авторски карактер.

На концертот ќе ме придружува оркестарот „Фонтана“ од Битола, со кој веќе остваривме успешни настапи во Битола и Сокобања. За белградскиот концерт оркестарот ќе биде дополнително засилен со врвните музичари, композитори и аранжери – Никола Митровиќ на бас-гитара и професорот Ванчо Јовчев на клавир и синтисајзер, како и со младите талентирани Давид и Димитар Стојчевски, синови на професорот Кирил Стојчевски, кои студираат на Музичката академија во Загреб.

Посебна вредност на оркестарот му даваат и искусните инструменталисти, вистински мајстори на своите инструменти – Благојче Трајковски на кларинет, Тони Цветановски на гитара и Зоран Ристевски на ударни инструменти.

Токму во ваквиот состав гледам една од посебните вредности на концертот – спој на искуството и младоста, музичката зрелост, свежата енергија и творечкиот ентузијазам. Верувам дека оваа комбинација ќе ни овозможи на публиката да ѝ приредиме динамичен, енергичен и уметнички квалитетен настап.

Посебна чест и задоволство ми претставува и учеството на моите драги пријатели, извонредните вокални солисти од Србија – Благоја Грујовски, Ленче и Горан Кукиќ. Нивните интерпретации дополнително ќе ја збогатат концертната вечер, а заедно подготвуваме и неколку музички изненадувања.

Досега имав задоволство мојот албум да го промовирам во Битола, на фестивалот „Хармониките“, како и на фестивалот „Прва хармоника“ во Сокобања во 2026 година, каде што настапив во ревијалниот дел од програмата и истовремено имав чест да бидам член на стручното жири. Овие настапи имаа посебно значење за мене, не само поради убавиот прием од публиката, туку и поради фактот што повторно се најдов меѓу музичарите и пријателите со кои ја споделувам љубовта кон хармониката.

Настапот во Големата сала на Коларац го доживувам како своевидна круна на моето досегашно враќање на концертната сцена, но секако не и како завршување на мојот музички пат.

Напротив, веќе се отвораат нови меѓународни предизвици. Посебно ме радува што маестро Горан Алачки и јас добивме официјална покана како специјални гости да учествуваме на „Zlatne Uste Golden Festival“, на 15 и 16 јануари 2027 година во Њујорк, во просторот Marquee of Astoria, во Квинс.

Поканата ни ја упати Мајкл Гинсбург, директор на ансамблот Zlatne Uste Balkan Brass Band и раководител на Програмскиот комитет на фестивалот. Станува збор за манифестација посветена на балканската музика и култура, која има и хуманитарен карактер, бидејќи приходот од фестивалот се насочува кон добротворни институции и организации поврзани со Балканот.

За мене оваа покана претставува посебно признание и можност, заедно со маестро Алачки, нашата богата македонска музичка традиција и современиот инструментален израз да ги претставиме и пред американската публика. Доколку се реализира ова гостување, тоа ќе биде уште една значајна станица на мојот обновен музички пат.

Според досегашните најави, се очекува концертот во Коларац да биде снимен за потребите на ПГП РТС, што за мене би претставувало посебно задоволство и можност овој настан трајно да биде забележан.

Screenshot

Свесен сум за значењето и традицијата на Големата сала на Коларац, на чија сцена настапувале бројни музички великани. Токму затоа во Белград доаѓам максимално подготвен, со голема почит кон публиката, но и со огромна желба, заедно со моите колеги и гости, да приредиме вечер што долго ќе се памети.

Мојата желба е овој концерт да биде многу повеќе од промоција на еден албум – да биде средба на музиката, пријателството, искуството и младоста, но и потврда дека хармониката заслужува достоинствено место на големите концертни сцени.

Верувам дека музиката не познава граници, дека ги поврзува луѓето и народите и дека претставува еден од најубавите начини да ја зачуваме нашата традиција, а истовремено да создаваме нешто ново.

Затоа со особено задоволство ги поканувам сите љубители на квалитетната инструментална музика, хармониката и балканското музичко наследство да ни се придружат на 18 ноември во Коларац.

Тоа ќе биде вечер на музика, пријателство и силни емоции – вечер во која сакам да покажам дека вистинската љубов кон музиката не се мери со годините на отсуство од сцената, туку со силата и искреноста со која повторно ѝ се враќаме.

П. С. Ова интервју поточно изјава ја давам на 13 октомври 2026 година, на денот кога мојата мала принцеза, внуката Михаела Кекеновска, го слави својот шести роденден. Нејзе, која во мојот живот внесува посебна радост, љубов и среќа, ѝ го посветувам овој за мене мошне значаен концерт, во нејзина чест и со посебна љубов.

Раде БЕРАК

 


POSTAVI ODGOVOR

Please enter your comment!
Please enter your name here
Pre slanja komentara molimo Vas da pročitate sledeća pravila