Таа е позната радио и тв водителка, многумина знаат да кажат убавата водителка од Прилеп. Зад себе има многубројни тв проекти, музички емисии и што ли уште не. За животот во Скопје знае да каже дека е многу динамичен и брз, додека за оној во Прилеп… едноставно Прилеп е ебаго. Од неодамна е уредник за Македонија во познатиот интернет портал “Свет-Аустралија”, и ако прочитате некој скокотлив и интересен текст за некој од музичките имиња на македонската музичка сцена, претпоставувате дека тоа е таа, секогаш оргиналната и без влакна на јазик, познатата Билјана Крнческа. Како, со кого и на кој начин таа ги прославува новогодишните празници, прочитајте во продолжение.
Музика24: Наближуваат Новогодишните и Божиќни празници, како се чувствувате секогаш кога доаѓа овој период од годината? Дали можеби се радувате на целата предновогодишна и празнична адмосфера и еуфорија или пак едноставно сето тоа за Вас се само обични денови кога малку повеќе се одмора, јаде и пие?
Билјана Крнческа: Јас припаѓам на онаа непоправливо романтична генерација на сонувачи кои никогаш не ја прифатија глобалната слика на светот во кој секојдневно има апсурди грубост и не фер игра. За мене Нова Година и Божиќ остануваат највесели празници кои навестуваат нешто ново, нешто поубаво на кое се надеваме и со радост го очекуваме. Сета таа предновогодишна еуфорија исполнета со многу музика, забава, дружења ми предизвикува убави мисли и убав ритам кој денот и ноќта ми го исполнуваат максимално позитивно.
Музика24: Дали и после толку години верувате во легендата и приказната дека постои Дедо Мраз?
Билјана Крнческа: Да, верувам во Дедо Мраз како институција. Знаете кога растете во едно социјалистичко општество во кое државата се грижи секое дете да ја почувствува магијата на тој “спектакуларен” дедо тогаш немате причина да не верувате во неговото постоење. Жал ми е што сегашните деца растат во убедување дека поважни од Дедо Мраз се градоначалниците кои толку дрско му се смешаа во бизнисот и уште подрско му ја крадат славата. Дедо Мраз постои па макар бил маскиран со лажна брада и мустаќи тој сепак предизвикува восхит во децките очи кои љубопитно го набљудуваат.
Музика24: Сите ние малку или повеќе на некој чуден начин веруваме дека Дедо Мраз ќе ни донесе некаков подарок, односно, она што сме си го посакале. Дали можеби како дете сте оставале празни новогодишни чорапчиња и сте го чекале подарокот од најпосакуваната личност во овој период од годината, дедото со бела брада?
Билјана Крнческа: Како дете се сеќавам на една сцена што ја запомнав за цел живот. Отидовме со мајка ми по лампиони во Стоковната куќа и таму го видов Дедо Мраз како на секое дете дава подароци ако му исполни некоја песничка. Јас се отргнав од рацете на мајка ми и отрчав кај него и му седнав во скутот па почнав да му кажувам дека знам одлично да имитирам пејачи. Веднаш ме покани тука јавно пред насобраниот свет да го докажам својот талент, а јас не чекав два пати да ми каже. Почнав да ги имитирам тогаш најактуелните Јосипа Лисац, Тереза Кесовија, Лео Мартин и добив толку голем аплауз што Дедо Мраз ме прогласи за ѕвезда и ми подари кукла. На мојата радост и немаше крај…
Музика24: Како вообичаено се подготвувате за дочекот на Новата година? Подготвувате специјалитети, сакате да уживате во прошетките со најмилите, купувате подароци за своите најблиски?
Билјана Крнческа: Подготовките за Нова Година секогаш имаат некоја пријатна возбуда во себе. Сакам да подарувам па трагам по вистинскиот подарок кој ќе ги усреќи децата, но и возрасните што ми се драги. Она што секогаш умее да изнервира е буџетот, кој кај нас во Македонија најчесто е ограничен па мора многу повеќе да трагаме по добри подароци кои нема да чинат премногу. Инаку обавезно се планираат и специјалитетите кои мора да се најдат на Новогодинешната трпеза. Како неизоставна е руската салата, кифличките, печењето и тортата, а моја омилена е чоколадната обланда која за таа прилика мора да се направи.
Музика24: За дочекот на Новата година секогаш и пред се Вам ви е битно добро друштво, забава и музика… или пак онака домаќински во опуштена адмосфера со малку повеќе храна, пиење, шала, смеа и потоа секако некој добар новогодишен филм?
Билјана Крнческа: Искрено сум имала разни дочеци на Нови години. И оние во хотели и оние на плоштади, и оние во домашен амбиент ама сепак најдраги ми се оние што сум ги дочекала на патувања. Сум била во Атина неколку пати за дочек, во Будимпешта, во Каиро, во Белград, а годинава планирам да одам за Будва, така да мој избор е дочекот да го направам на некоја дестинација каде опуштено со одбрано друштво се ужива во прошетките на метрополите.
Музика24: Како и на кој начин ги изненадувате Вашите сакани за Новогодишните празници? Кој е подарокот кој што вообичаено сакате да го подарите, и што е она што Вам би Ве изненадило како подарок?
Билјана Крнческа: Со подароците сакам да измамам насмевки, па затоа сакам да се оргинални. На блиските сум подарувала од пижами до нараквици, од разни колекции на шминки до парфеми, од играчки до тротинети, така да се водам според сензибилитетот на личноста и потребите доколку ми е блиска. А сакам да ми подаруваат ваучери за ДМ на пример каде покасно можам сама да избирам што ќе купам зошто сум специфична по вкус и ретко кој умее да ме погоди со подарокот. Сепак оние што ми се блиски умеат на суптилен начин да откријат што ми треба или ми се допаѓа и да ме израдуваат како мало дете.
Музика24: Што всушност за Вас претставува сета таа празнична предновогодишна еуфорија, дочекот на Новата година и сите оние мали и поголеми случувања поврзани со овие празници?
Билјана Крнческа: Мислам дека предновогодишната еуфорија е всушност најголемата магија што ја живееме несвесни дека ни се случува. Сето тоа блескавило од лампиони, светулки, убаво украсени дуќани полни со раздрагани посетители ве тера да се впуштите во тој волшебен свет и да заборавите на некои проблеми или притисоци што ве обременувале. Едноставно приоритет давате на дочекот и таквиот фокус визуелизира една друга слика влегувате во димензијата на среќата и едноставно мора среќно и да се чувствувате.
Музика24: Како, каде и на кој начин ќе ја испратите 2019-та, а ќе ја дочекате Новата 2020-та година?
Билјана Крнческа: 2019-та ќе ја испратам со насмевка пред се затоа што ми донесе многу убави моменти, убава работа, убави случувања. Беше година во која сфатив дека мора да ги апстрахирам политичките и глобални случувања и да се концетрирам на личното задоволство и на се она што ме прави среќна. Во оваа година научив дека морам да се борам понекогаш и со своите мисли кои со годините умеат да застранат и да предизвикуваат незадоволство, но за среќа тоа може да се контролира. А 2020-та година планирам да ја дочекам со Здравко Чолиќ во Будва раздрагано со своите пријатели да пеам и да и се веселам на Новата година за која искрено се надевам дека ќе биде убава година во мој знак.
Музика24: Кој е според Вас настанот од областа на музиката кој што ја одбележи 2019-та која што пополека си заминува?
Билјана Крнческа: Секако најголем настан што предивика најмногу внимание беше успешниот Евровизиски пласман на Тамара Тодеска која во оваа година имаше голем професионален контрас на подем и пад и тоа парадоксално со само еден настап. Сепак мислам дека тоа Тамара ќе го надмине зошто станува збор за исклучително добар вокал. Враќањето на сцената на некои вонсериски уметници исто е за поздрав. Оваа година свој камбек имаа Росана, Горан Тодоровски, Смиља Митревска, Ѓоко Дончев, Драган Мијалковски… Оваа година своевидно откритие беше и тандемот Александар Митевски и Драган Спасов Дац кои донесоа неколку песни во еден посебно носталгично романтичен стил и секако на крајот од годината свој белег остави учеството на младата Мила Москов на детската Евровизија со нејзиниот одличен пласман.
Музика24: А кој е пак според Вас хит песната која што на некој начин ја одбележа 2019-та година и видео спотот кој што Вам Ви остави најголем впечаток изминатата година?
Билјана Крнческа: Моја песна за оваа година е сепак песната на Биба Додева што ја испеа на “Охрид фест” – “Како некогаш”. Ретко одбирам балади, но мислам дека оваа песна ќе го има епитетот евергрин. За жал песната нема сеуште свој видео спот па во таа категорија би го ставила спотот на Александар и Дац за песната “Уште ми фалиш” затоа што има душа.
Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски